Хартиените сметки за вода, комунални и други јавни услуги постепено би можеле да бидат заменети со електронски фактури. Управата за јавни приходи веќе ги вклучува општините и јавните претпријатија во пилот-фазата на системот „е-Фактура“, кој треба да го дигитализира процесот на издавање и обработка на фактурите.
Еден од главните предизвици е огромниот број сметки што јавните претпријатија секој месец ги издаваат кон домаќинствата.
За подготовка на системот, УЈП во соработка со ЗЕЛС спровела обука за околу 80 претставници од општините и локалните јавни претпријатија.
На обуките се разгледувале техничките можности за поврзување на постојните системи на претпријатијата со платформата на УЈП, како и употребата на квалификувани електронски потписи.
Два начина за приклучување
Во пилот-фазата се предвидени две можности.
Поголемите јавни претпријатија ќе можат директно да ги поврзат своите софтверски системи со „е-Фактура“ преку API интеграција, додека за останатите корисници е предвидена бесплатна веб-апликација.
Во моментов се тестира целиот процес – од креирање и испраќање на електронската фактура до нејзино примање, проверка, прифаќање, одбивање или сторнирање.
Во тестирањето претходно биле вклучени и околу 200 компании.
Што ќе значи ова за граѓаните?
Најголемата промена граѓаните ќе ја почувствуваат кога јавните и комуналните претпријатија целосно ќе се интегрираат во системот.
Тоа значи дека сметките за вода, смет и други комунални услуги ќе можат да се издаваат и обработуваат електронски, наместо да зависат од традиционалната достава на хартиени документи.
Сепак, хартиените сметки нема да исчезнат веднаш. Системот сè уште се тестира, а пред неговото целосно воведување треба да се утврдат и отстранат евентуалните технички и административни проблеми.
Целта е општините и јавните претпријатија навреме да се подготват за преминот кон новиот начин на електронско фактурирање.







