Тешка сообраќајна несреќа се случила вчера попладне на регионалниот пат од селото Ињево кон Радовиш, при што две млади лица се повредени, од кои едното потешко.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, несреќата била пријавена на 10 август во ОВР Радовиш, а се случила околу 16:20 часот на место викано Горен пат.
Товарно возило „фиат“ со радовишки регистарски ознаки, управувано од Н.Н. (21) од селото Ињево, од засега непознати причини излетало надвор од патот.
Во несреќата најтешко поминал сопатникот А.Ј. (22) од селото Воиславци, кој се здобил со тешки телесни повреди. Повредите биле констатирани во Клиничката болница во Штип.
Со телесни повреди се здобил и 21-годишниот возач.
Екипа на ОВР Радовиш извршила увид на местото на несреќата, а се утврдуваат околностите под кои товарното возило излетало од коловозот.








