ПРВ.мк
Македонија

Родителите ќе плаќаат казни ако нивните деца вршат врсничко насилство – најавени законски измени

Родителите ќе плаќаат казни ако нивните деца вршат врсничко насилство – најавени законски измени

Родителите и старателите на деца кои извршиле врсничко насилство би можеле да се соочат со парични казни, согласно законски измени кои веќе се наоѓаат во собраниска процедура.

Ова го соопшти министерката за образование и наука Весна Јаневска, која истакна дека казни се предвидуваат и за родители и старатели кои одбиваат да соработуваат со стручните служби во училиштата.

Јаневска, на панел-дискусија за меѓуврсничко насилство и вандализам во Охрид, посочи дека во последните три учебни години во училиштата се пријавувале просечно по околу 50 случаи на врсничко насилство годишно.

Иако бројот на пријавени случаи не бележи раст, според министерката, загрижува тоа што се зголемува бруталноста кај дел од случаите.

Фокусот првенствено на превенција

Јаневска нагласи дека превентивните активности треба да бидат клучни во борбата против булингот.

Со претходните законски измени, училиштата биле задолжени во своите годишни програми да предвидуваат активности за добросостојба на учениците, заштита од насилство и злоупотреба, спречување дискриминација и подобрување на комуникацијата.

Во училиштата се зајакнуваат и стручните служби, а повторно се воведени дежурствата на наставниците за време на одморите.

Подготвени се и прирачници за справување со сајбер-булинг и врсничко насилство, а се работи и на национални стандарди за безбедни училишта.

Семејното насилство меѓу причините

Според Јаневска, анализите покажуваат дека меѓу главните причини за насилното однесување на децата се семејното насилство и недостигот од соодветна грижа во дел од семејствата.

Поради тоа, повеќе институции започнале иницијатива за дополнителна обука на училишните психолози и наставниците за навремено препознавање знаци на семејно насилство и занемарување преку однесувањето на учениците.

Целта е проблемите да бидат препознаени навреме и да се спречи нивното прераснување во насилство кон други деца.

„Укажувајте, спречувајте обиди за булинг, пријавувајте насилство, бидете емпатични и заштитете ги послабите“, порача Јаневска.