Експлозивна направа била пронајдена во водите на Охридското Езеро, во близина на хотел во туристичкото место Пештани.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен на 10 август во 18:10 часот во Регионалниот центар за гранични работи Запад – Охрид.
Пријавата ја поднел А.С. од Охрид, кој информирал дека во водите на езерото забележал бомба, по што надлежните служби биле известени за пронајдената експлозивна направа.
За настанот била известена и Дирекцијата за заштита и спасување. Надлежните служби треба да преземат соодветни активности за безбедно подигнување и отстранување на направата од езерото.
Засега нема информации за повредени лица, ниту за тоа како и кога експлозивната направа завршила во водите на Охридското Езеро.





