Министерството за животна средина и просторно планирање соопшти дека во Скопје е надминат прагот на алармирање за загадување со ПМ10 честички, согласно податоците од Државниот автоматски мониторинг систем и временската прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи.
Прагот на алармирање, кој подразбира надминување на концентрација од 150 μg/m³ во два последователни дена, е регистриран на повеќе мерни станици во градот: Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат.
Поради ваквата состојба, автоматски се активираат мерките предвидени со Уредбата за гранични вредности на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух.
Мерки што стапуваат на сила во Скопје
За наведените подрачја важат следните задолжителни и препорачани мерки:
Се интензивираат вонредните инспекциски надзори на инсталациите со А-интегрирани еколошки дозволи
Се засилуваат теренските контроли на инсталациите со Б-интегрирани дозволи и елаборати
Инсталациите со континуиран мониторинг мора да овозможат јавен пристап до податоците
Се интензивираат контролите на техничката исправност на возилата, особено дизел возилата и нерегистрираните
Засилени контроли на градилиштата
Забрана за горење на отворено
Препораки за работодавците
Министерството препорачува сите правни субјекти да ги ослободат од работни обврски:
Бремените жени Лицата постари од 60 години Лицата со хронична астма Лицата со прележан срцев или мозочен удар
(со препорака од матичен лекар, без разлика на возраста)
Исто така, се препорачува:
Реорганизација на работното време Лицата кои работат на отворено да работат од 11:00 до 17:00 часот
Дополнителна препорака
Се препорачува да не се организираат спортски натпревари и културни манифестации на отворено додека трае состојбата со алармантно загадување.
















