Полицијата го уапси 39-годишниот возач кој пред неколку дена беше снимен како се движи во спротивна насока на автопатот Скопје – Велес, предизвикувајќи сериозна опасност за останатите учесници во сообраќајот.
Како што соопшти МВР, станува збор за М.Ш. од тетовското село Челопек, кој на 2 август управувал „голф“ со тетовски регистарски ознаки. Неговото опасно возење беше документирано од очевидци, а фотографиите брзо се проширија на социјалните мрежи.
По целосното документирање на случајот, против него ќе биде поднесена кривична пријава за безобѕирно управување со моторно возило, по што ќе биде изведен пред надлежен јавен обвинител.
Од МВР повторно апелираат до возачите доследно да ги почитуваат сообраќајните правила, со цел да се спречат вакви опасни ситуации на патиштата.









