ПРВ.мк
Македонија

Мислела дека плаќа за каско, останала без 200.000 денари: Измамена 35-годишна скопјанка

Мислела дека плаќа за каско, останала без 200.000 денари: Измамена 35-годишна скопјанка

Триесет и петгодишна жена од Скопје пријавила во полиција дека била измамена за сума од околу 200.000 денари, откако телефонски добила понуда за каско осигурување на своето возило.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен во СВР Скопје на 13 август во 13:30 часот.

Скопјанката навела дека во текот на јули била контактирана по телефон од женско лице, кое ѝ понудило каско осигурување за автомобилот. Притоа, како што пријавила, ѝ било ветено дека ќе добие и поголема сума, односно премија.

Верувајќи во понудата, 35-годишната жена во неколку наврати ги уплаќала бараните парични средства. Вкупниот износ достигнал околу 200.000 денари.

Сомнежите се појавиле откако и покрај извршените уплати, каско осигурувањето не било активирано. Тогаш жената сфатила дека најверојатно станува збор за измама и случајот го пријавила во полиција.

Од МВР информираат дека се преземаат мерки и активности за целосно расчистување на случајот и утврдување на одговорноста.