ПРВ.мк
Македонија

Македонија гласа: Над 1,8 милиони граѓани на избирачките места – сè што треба да знаете за гласањето, броењето и жалбите!

Македонија гласа: Над 1,8 милиони граѓани на избирачките места – сè што треба да знаете за гласањето, броењето и жалбите!

Денеска низ цела Македонија се одржува првиот круг од осмите локални избори од осамостојувањето на државата. Право на глас имаат 1.832.415 граѓани, кои ќе можат да гласаат на 3.474 избирачки места ширум земјата. Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19:00, а на сите локации процесот се одвива под надзор на избирачките одбори и овластени набљудувачи.

Вчера своето право на глас го остварија 2.162 затвореници, лицата во домашен притвор, 8.848 болни и немоќни лица и 442 граѓани во старски домови. Оние кои живеат или работат во странство немаат можност да гласаат од дијаспората, но ако се вратија во земјата, можат да го искористат своето право.

Гласањето се врши лично, со важечка лична карта или пасош. По проверката на документите, избирачот се потпишува во списокот, добива ливче со печат и гласа тајно зад параванот. Се гласа со сино пенкало, а секое погрешно ливче се смета за неважечко. Гласачите се идентификуваат со фингерпринт апарати, воведени првпат на изборите во 2021 година.

Забрането е семејно или групно гласање, како и гласање во име на друг. Секое нарушување на тајноста на гласањето претставува кривично дело и може да доведе до поништување на изборите. На гласачкото место не смее да се користи мобилен телефон, ниту да се фотографира ливчето, а никој освен полицијата не смее да биде вооружен.

По завршувањето на гласањето во 19 часот, избирачките одбори ќе започнат со броење на гласовите. Во рок од пет часа по затворањето, записниците ќе се достават до Општинските изборни комисии (ОИК), кои потоа ги сумираат резултатите и ги предаваат на Државната изборна комисија (ДИК). Првичните резултати ќе се објавуваат постепено, а целосните треба да бидат познати најдоцна во рок од 12 часа.

Секој подносител на листа има право да поднесе жалба до ДИК во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето. Комисијата мора да одлучи во рок од 72 часа, а доколку некој не е задоволен, може да поднесе тужба до Управниот суд, кој е должен да одлучи во рок од 48 часа.

Доколку во првиот круг ниту еден кандидат не освои повеќе од половина од гласовите, вториот круг на локалните избори ќе се одржи на 2 ноември.

Escape