Лукоил одлучи да ги продаде своите 40 бензински пумпи и еден нафтен склад во Македонија. Одлуката следи по воведувањето на санкциите од САД за руската нафта, по што компанијата реши да ја продаде целата актива надвор од Русија. Понуда за купување пристигнала од глобалниот трговец со енергенси, Гунвор груп, што е потврдено и од самата компанија. Лукоил се согласи да ја прифати понудата и да не преговара со други потенцијални купувачи.
„Продажбата на Лукоил се должи на рестриктивните мерки на некои држави воведени против компанијата и нејзините подружници“, соопштија од компанијата.
Првиот регулатор на енергетиката, Марко Бислимовски, уверува дека ова нема да предизвика недостаток на нафтени деривати во земјава. „Во Македонија, најголем дел од обезбедените количини – околу 80 проценти – доаѓаат од Грција, а околу 7 до 8 проценти доаѓаат преку Лукоил од Бугарија. Од овие санкции Македонија нема да биде погодена, бидејќи компаниите што доставуваат нафта не се засегнати“, рече тој.
Сепак, Регулаторната комисија предупреди дека воведувањето на санкции можеше привремено да влијае на цените на дериватите, и од почетокот на неделава имаше две корекции во цената.
Македонско-руската стопанска комора се надева дека продажбата ќе помине без последици за работните места, бидејќи без работа би останале над 500 лица, а буџетот би изгубил значителни приходи од даноци и давачки. Лукоил треба целосно да се ослободи од својата актива до 21 ноември.
Компанијата располага со бензински пумпи и на Балканот и во САД, а има и 34 фирми ќерки. Во Бугарија и Холандија во сопственичката структура учествува и државата. По објавувањето на информацијата за продажба, акциите на Лукоил паднаа за околу 7 проценти.
Иако Европа претходно одлучи да го забрани транзитот на руски гас кон трети земји, надлежните уверуваат дека снабдувањето со гас во Македонија ќе остане стабилно, бидејќи 90 проценти од количествата во земјава се обезбедуваат од Русија.
















