ПРВ.мк
Македонија

ЛЕК ЗА РАК СКРИЕН ВО КУТИЈА ЗА ПРВА ПОМОШ: Цариниците откриле 29 вијали на граница!

ЛЕК ЗА РАК СКРИЕН ВО КУТИЈА ЗА ПРВА ПОМОШ: Цариниците откриле 29 вијали на граница!

Обид за криумчарење лек што се користи во лекувањето на малигни заболувања бил спречен на граничниот премин „Богородица“. Мобилен царински тим открил 29 вијали со медицински раствор „Иксџива“ (Xgeva), кои возач на автобус, државјанин на Косово, се обидел да ги внесе во земјава на недозволен начин.

Според информациите од Царинската управа, лекот бил скриен во кутија за прва помош во автобусот, иако неговиот увоз е строго регулиран и е потребно да се поседуваат дозволи од надлежните институции. Дополнително, транспортот на ваквите медицински производи мора да се одвива согласно строго пропишани стандарди.

Случајот бил откриен при контрола на автобусот на влез во државата, на граничниот премин „Богородица“. При прегледот, царинските службеници пронашле вкупно 29 вијали со лекот, чија вредност е проценета на 336.000 денари.

Покрај вијалите, биле откриени и 29 кутивчиња, како и 30 самолепливи етикети, спакувани во црна најлонска кеса.

Од Царинската управа информираат дека против возачот е поднесена кривична пријава за криумчарење.