Невработените жители на Велес кои имаат завршено средно образование и редовно се пријавуваат во Центарот за вработување Велес добиваат можност да посетуваат бесплатна обука за пожарникари, финансирана од државата.
Станува збор за мерка за стекнување вештини за занимања што се барани на пазарот на трудот, во рамки на која се опфатени вкупно 11 занимања. Преку оваа програма, невработените ќе имаат можност да се оспособат за работа и да стекнат практично искуство.
Обуката за пожарникари ќе трае два месеца. По нејзиното завршување, учесниците ќе треба да поминат уште еден месец на секојдневна практична работа во реални услови, кај работодавачи.
Од Агенцијата за вработување информираат дека за времетраењето на обуката, учесниците ќе добиваат месечен бруто-надомест од 12.000 денари. Во овој износ се вклучени осигурувањето за инвалидност и телесно оштетување предизвикани од повреда при работа и професионална болест, како и данокот на личен доход.
Дополнително, предвиден е и месечен надомест за мобилност од 5.000 денари за лицата што ќе се вклучат во обуката, доколку таа не е достапна во Центарот за вработување во нивното место на живеење.
„Лицата вклучени во обуките ќе добијат месечен бруто надомест во висина од 12.000,00 денари, со вклучено осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест и данок на личен доход за времетраењето на обуката. Надоместок за мобилност во износ од 5.000 денари месечно, за лице кое ќе се вклучи во обуката, доколку не е обезбедена во Центар за вработување во неговото место на живеење“, соопштија од Агенцијата за вработување.
По завршувањето на обуката и практичната работа, кандидатите ќе треба успешно да го положат предвидениот испит. Оние што ќе ги исполнат сите услови ќе се стекнат со сертификат издаден од верификуваните спроведувачи на обуката, согласно условите пропишани од Министерството за образование и наука и Центарот за образование на возрасните.
Крајниот рок за пријавување за учество во програмата е 26 октомври 2026 година, односно до пополнување на предвидениот број кандидати во рамки на мерката.







