Тимови на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) интензивно трагаат по лице за кое постојат индиции дека било забележано во близина на реката Вардар, на подрачјето на Гостивар. Потрагата се спроведува по официјално барање на Полициската станица Гостивар.
Во активностите на терен е вклучен и заменик-директорот на ДЗС, Кашмир Салиу, кој заедно со спасувачките екипи учествува во операцијата за пронаоѓање на исчезнатото лице.
Во потрагата се ангажирани припадници на Тимот за брз одговор за спасување на води при Дирекцијата за заштита и спасување, со логистичка поддршка од Подрачното одделение во Гостивар. Акцијата се одвива во координација со полициските службеници од ОВР Гостивар и локалните служби.
Се пребарува течението на Вардар
Екипите го пребаруваат течението на реката Вардар, почнувајќи од критичните точки во градот и продолжувајќи кон подрачјата низводно. И покрај условите на теренот и специфичностите на речното корито, спасувачките тимови ќе останат ангажирани сè до завршувањето на операцијата.
Од Дирекцијата за заштита и спасување упатија апел до жителите на Гостивар и околните населени места да ги пријават сите информации што би можеле да помогнат во потрагата. Граѓаните кои знаат нешто за исчезнатото лице или ќе забележат нешто долж речното корито се повикуваат веднаш да ја известат полицијата или надлежните служби за заштита и спасување.
Информациите може да се пријават и на телефонскиот број 112, во Центарот за управување со кризи.
Од ДЗС најавуваат дека јавноста дополнително ќе биде информирана за новите информации и развојот на потрагата. Засега нема соопштени детали за идентитетот на исчезнатото лице.






