Владата достави до Собранието предлог за измени на Законот за данок на додадена вредност, со кој целосно се укинува досегашното ослободување од ДДВ за производите што граѓаните ги нарачуваат од странство во вредност до 22 евра. Со оваа измена, секоја онлајн нарачка – без разлика дали станува збор за евтин кабел, маица или чевли – ќе поскапи за дополнителни 18 проценти, колку што изнесува стапката на ДДВ.
Во Предлог-законот е наведено дека ослободувањето ќе остане само за мали пратки од некомерцијална вредност, испратени од физичко лице на физичко лице, со вредност до 22 евра. Сепак, ова не важи за алкохол, парфеми, тутун и сродни производи, за кои и натаму ќе се плаќа данок.

Оваа одлука доаѓа во време кога се забележува огромен раст на онлајн купувањата, особено преку кинеската платформа Тему, која стана вистински хит меѓу македонските потрошувачи. Според податоците на Царинската управа, само во јуни македонските граѓани нарачале 250 тони стока од Тему, од кои 95 илјади килограми биле третирани како пратки со мала вредност – ослободени од давачки. За останатите 150 илјади килограми, сепак, се наплатени давачки во износ од 41,7 милиони денари.
Со укинувањето на оваа поволност, се очекува значително да се намали бројот на ситни нарачки од странство, додека граѓаните ќе треба да пресметуваат нови, повисоки цени за секој производ што ќе го купуваат преку интернет.