ПИН-кодовите наскоро би можеле да станат минато! Истражувачи од Универзитетот во Британска Колумбија развија технологија што овозможува плаќање со картичка без внесување ПИН и без допирање на терминалот – доволен е само еден потег со раката.
Технологијата се базира на радиосигналите што веќе се разменуваат меѓу картичката и уредот при секоја трансакција. Со додавање на специјални калеми, терминалот може да ги „прочита“ малите промени во магнетното поле и да препознае до девет различни движења – како двоен допир, движење налево, нагоре или надолу.
Системот постигнува прецизност поголема од 90%, а истражувачите тврдат дека овој начин е побезбеден од класичниот ПИН. Потегот е личен и многу потешко се имитира, дури и ако картичката биде изгубена.
Покрај тоа, оваа технологија нуди и хигиенски предности – нема потреба од физички контакт со терминалот, што ја намалува можноста за ширење бактерии и вируси.
Надградбата би чинела околу 20 долари по уред, а повеќето постојни терминали веќе имаат капацитет да ја поддржат оваа иновација. Според раководителот на проектот, Роберт Сјао, ова може целосно да го промени начинот на кој плаќаме секојдневно.