Метеоаналитичарот Славчо Попоски предупредува дека претстојниот викенд ќе го одбележи силен северен ветер, особено во сабота (11 октомври), кога ќе има и повеќе облаци со можност за сосема слаб и локален дожд.
Најветровито ќе биде во Повардарието и источните делови на земјата, каде ветерот повремено ќе достигнува брзина од над 60 км/час. Неделата (12 октомври) ќе донесе повеќе сонце и послаб ветер, па времето ќе биде пријатно за активности на отворено.
Во Скопје и околината, утре се очекува засилен до силен северен ветер, кој во делови од котлината исто така ќе надмине 60 км/час.
Температурите наутро ќе се движат од 4 до 11 степени, додека дневните ќе достигнат 13 до 21 степен во сабота, а во недела 15 до 22 степени.
За главниот град, утринската температура ќе биде околу 10 степени, а дневната ќе се искачи до 18 во сабота и до 21 степен во недела, најавува Попоски.