Десетици илјади Палестинци се враќаат кон северна Газа откако израелската војска соопшти дека стапил на сила договорот за прекин на огнот. Овој масовен повраток следи по најразорната офанзива на Израел во последните години, која започна по нападот на Хамас на 7 октомври и принуди над еден милион луѓе да избегаат од своите домови.
Според извештаите на Анадолу, првите снимки од теренот покажуваат реки од луѓе кои пеш се движат по урнатините, носејќи торби и мали колички со она малку што им останало. Повлекувањето на израелските сили од делови од градот Газа открива апокалиптични сцени – цели населби срамнети со земја, уништени патишта и згради кои едвај стојат на темели.
Посебно тешко погодена е областа околу џамијата Саид Сијам во населбата Шеик Радван, каде што повеќето домови се целосно срушени или небезбедни за живеење. Слична состојба владее и во источниот дел на населбата, како и во областа Ал-Наср, каде што, според сведоштвата, израелската армија извршила масовно бомбардирање непосредно пред повлекувањето.
Снимките од теренот откриваат тешка човечка трагедија – луѓе кои со солзи се враќаат да го видат својот дом, а на местото на некогашните згради ги пречекуваат само урнатини и тишина.
Израелските медиуми јавуваат дека израелската армија започнала постепено повлекување на своите трупи од Појасот Газа и дека целиот процес треба да биде завршен во рок од 24 часа, во согласност со планот за завршување на војната предложен од американскиот претседател Доналд Трамп.
Овој историски момент, кој дел од светот го гледа како можност за мир, а друг дел како привремен предах, повторно го отвора прашањето – дали ова навистина е крајот на крвопролевањето или само тивко затишје пред нова бура?
Видео: