Македонија денес тагува по голем борец – 16-годишниот Матеј од Идризово, кој по 23 дена борба за живот им подлегна на тешките повреди здобиени во сообраќајната несреќа со пратеникот од Левица, Сашко Јанчев. Веста ја потврдија од Здружението на хемофиличари на Македонија, чиј член беше и младиот Матеј.
„Нашиот мал јунак замина кај ангелите... Милото дете имаше само 16 години, животот беше пред него“, стои во нивната потресна објава.
Матеј беше познат по својата борба со хемофилија – болест со која живееше храбро и отворено зборуваше за неа во јавноста. „Никогаш нема да те заборавиме, болката е преголема“, порачуваат неговите блиски и пријатели.
Несреќата се случила на 14 септември во село Марино, општина Илинден, кога мопедот што го возел Матеј удрил во џип „Хјундаи Тусон“ со кој управувал пратеникот С.Ј. (36) од Гевгелија. Тогаш со тешки повреди беше и неговата 13-годишна сопатничка, а Јанчев и неговиот сопатник се здобија со полесни повреди.
Според МВР, веднаш по несреќата бил извршен увид, а пратеникот е лишен од слобода и приведен во полициска станица под сомнение за загрозување на безбедноста во сообраќајот и тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот.
Матеј ќе остане запаметен како млад, насмеан и храбар борец, кој инспирираше многумина со својата искреност и сила. Почивај во мир, јунаку наш.