ПРВ.мк
Македонија

Министерот Љутков ја посети реконструкцијата на Домот на култура „11 Октомври“ во Ченто

Министерот Љутков ја посети реконструкцијата на Домот на култура „11 Октомври“ во Ченто

Денес, заедно со градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, министерот за култура и туризам го посети Домот на култура „11 Октомври“ во населба Ченто. Реконструкцијата, адаптацијата и санацијата на објектот се во завршна фаза, со значителен интензитет на работа.

Проектот е важна инвестиција во културната инфраструктура на државата. Домот, кој долги години беше запуштен, наскоро ќе добие нов, современ изглед, функционален и енергетски ефикасен простор со три нивоа, инклузивни решенија (лифт, адаптирани тоалети) и капацитет од околу 180 гледачи.

Новите услови ќе овозможат одржување на различни културни настани и ќе претставуваат вистински центар на културниот живот во Ченто и целата Општина Гази Баба. Проектот се реализира во рамки на капиталните инвестиции на државата за поддршка на општините во областа на културата, со вкупна вредност од 87.514.771 денари. Заклучно со септември се реализирани 53.684.718 денари, а до крајот на годината Домот на културата се очекува целосно да биде завршен и предаден на граѓаните.

Министерот нагласи дека Владата и Министерството за култура и туризам остануваат посветени на континуирана поддршка на културната инфраструктура во сите општини, со цел создавање еднаков пристап до култура за сите и поттикнување на локален културен развој како темел на силно и живо културно ткиво во државата.

Escape