Поранешниот премиер Никола Груевски, кој веќе неколку години живее како азилант во Унгарија, си исплатил дивиденда од 5.000 евра од својата фирма „I.C.I.C. Kft.“ – објави „Фокус“.
Компанијата, регистрирана во јули 2021 година во Будимпешта, се најде и на т.н. „црна листа“ на САД. Според финансискиот извештај за 2024 година, фирмата прикажала приходи од околу 10.500 евра, а по одбивањето на трошоците и даноците, останале 6.860 евра чиста добивка. Повеќе од 5.000 евра од нив Груевски си ги исплатил како дивиденда.
„I.C.I.C. Kft.“ е регистрирана за широк спектар на активности – од бизнис-консалтинг и односи со јавност до трговија на големо со храна, пијалаци, тутун, порцелан и средства за чистење. Во 2022 година фирмата ги проширила своите дејности со уште 10 нови области.
Американската администрација веќе подолго време најавува нова проширена „црна листа“ за Западен Балкан, на која се очекува да се најдат и имиња поврзани со поранешни владини функционери од Македонија.