Лејди Гага и нејзиниот свршеник Мајкл Полански добија девојче, а во јавноста веќе се откриени и датумот на раѓање и името на нивното прво дете.
Според документи до кои дошол „Пипл“, 40-годишната пејачка и 42-годишниот Полански на 9 јуни 2026 година станале родители на ќерката Роуз Бин Полански. Веста првично ја објави Ти-ем-зи.
Особено внимание привлече името на девојчето. Според извор близок до пејачката, името Роуз има посебно значење за Гага и е поврзано со песната „La Vie En Rose“, која таа ја изведе во филмот „Ѕвездата е родена“ од 2018 година.
Врската со песната е дополнително забележлива и поради тетоважата што Гага ја има долж ‘рбетот – роза со долго стебло, покрај која стојат зборовите „la vie en rose“.
Средното име на девојчето, Бин, исто така наводно има посебна симболика. Според истиот извор, името најверојатно е посвета на активистот Карл Бин, кој бил инспирација за песната „Born This Way“ на Лејди Гага.
И покрај информациите објавени во медиумите, претставниците на Лејди Гага и Мајкл Полански засега официјално не ги потврдиле ниту полот ниту името на детето.
„Отсекогаш сакаше да биде мајка“
„Пипл“ на 11 септември ја потврди информацијата дека Гага и Полански станале родители.
Извор близок до пејачката тогаш открил дека таа е исклучително среќна поради новото животно поглавје и дека мајчинството отсекогаш било важна желба за неа.
„Отсекогаш сакаше да биде мајка. Тоа беше нешто многу важно за неа“, изјавил изворот.
По завршувањето на турнејата во април, Гага наводно била подготвена да го намали темпото и да поминува повеќе време надвор од јавноста.
Според изворот, пејачката во моментов ужива во мирот и времето со своето новороденче, додека Полански активно учествува во грижата за бебето.
„Во моментов ужива што е далеку од очите на јавноста и во ова посебно време со бебето. Мајкл е одличен со бебето. Заедно учат како да се снајдат со сè. Таа не сака да пропушти ниту еден момент“, додал изворот.
Друг извор претходно открил дека двајцата во текот на летото направиле пауза од професионалните обврски за да можат целосно да му се посветат на новиот член на семејството.
Љубовта започна во 2020 година
Лејди Гага и Мајкл Полански првпат привлекоа внимание како пар во 2020 година, кога беа фотографирани како се бакнуваат за време на новогодишна забава во Лас Вегас. Набргу потоа и јавно ја потврдија својата врска.
Полански е претприемач и дипломец на Универзитетот Харвард. Во периодот на пандемијата со ковид-19, тој престојуваше со Гага во нејзиниот дом во Малибу.
Пејачката ја потврди нивната свршувачка во јули 2024 година. Тоа се случи за време на Олимписките игри во Париз, кога во разговор со францускиот премиер Габриел Атал, Гага го претстави Полански како свој „свршеник“.
Нивната соработка не останала само на приватен план. Полански бил вклучен и во музичката работа на Гага, а на нејзиниот албум „Mayhem“ од 2025 година учествувал како копродуцент и коавтор на неколку песни.
Желбата да стане мајка Лејди Гага ја споменувала и многу порано. Во 2019 година, зборувајќи за тоа што сака да постигне во следната деценија, таа меѓу другото изјавила:
„Сакам да снимам повеќе филмови. Сакам да имам деца.“









