Една од најпознатите песни на Тоше Проески, „Тајно моја“, со години важи за вистински македонски евергрин, но малкумина ја знаат необичната приказна што се крие зад нејзиното создавање.
Автор на музиката е маестро Кире Костов, кој во едно интервју открил дека Тоше ја снимал песната цела ноќ и направил неколку различни верзии. Следниот ден, сепак, било одлучено да се задржи токму првата снимка, бидејќи звучела најдобро.
Уште поинтересно е што „Тајно моја“ за малку ќе имала сосема поинаков текст. Првичната идеја на Тоше била песната да биде посветена на неговото куче, па се договорил со Игор Џамбазов да напише стихови на таа тема.
Според Костов, Џамбазов направил одличен текст, во стил што потсетувал на Балашевиќ, но проблемот бил што стиховите едноставно не се вклопувале со мелодијата.
Костов му го кажал тоа на Џамбазов, кој подоцна во шега го претставувал како единствениот човек што некогаш одбил негов текст за песна.
Посебно внимание со години привлекува и стихот „Шушка молика“, кој често предизвикувал прашања, особено кај странската публика.
Во периодот кога била создадена песната, Тоше учел во Битола, а моликата е дрво карактеристично за Пелистер, па токму оттаму потекнува и оваа симболика во стиховите.
Текстописецот Огнен Неделковски, пак, никогаш целосно не ја открил приказната што стои зад песната.
Неговиот став бил дека секој слушател треба сам да ја доживее „Тајно моја“, бидејќи токму во тоа се крие нејзината магија.










