ПРВ.мк
Македонија

„Безбеден град“ се шири низ Македонија: Еве кои градови се следни на листата и кога ќе стартува системот!

„Безбеден град“ се шири низ Македонија: Еве кои градови се следни на листата и кога ќе стартува системот!

Проектот „Безбеден град“ наскоро треба да биде проширен во уште неколку македонски градови, а министерот за внатрешни работи Панче Тошковски очекува системот да биде активен на територијата на целата држава до крајот на годинава или најдоцна во јануари 2027 година.

Системот досега е воспоставен во Скопје, Куманово и Тетово, а во употреба е пуштен и во рамките на СВР Велес, со што се опфатени Велес, Кавадарци, Неготино и Демир Капија.

Следна полициска управа каде што треба да се имплементира „Безбеден град“ е СВР Охрид. По Охрид, проектот треба да продолжи со СВР Струмица и СВР Штип, додека последна на планираниот распоред е СВР Битола.

Тошковски посочи дека токму Битола претставува најголем технички предизвик поради потребата од мрежно поврзување со централниот систем.

„Скопје, Куманово и Тетово како СВР веќе се покриени. Го пуштивме во употреба во рамки на СВР Велес, тоа е Кавадарци, Неготино, Демир Капија и Велес. Наредно СВР каде што ќе биде имплементиран е СВР Охрид. Потоа следи СВР Струмица и Штип, и на крајот се надевам дека во рамки на оваа година, или, пак, јануари 2027 година, ќе го имплементираме и на територија на СВР Битола“, рече министерот во гостувањето во централниот „Дневник“ на Македонската радио-телевизија.

Тој нагласи дека, без разлика дали последните активности ќе завршат до крајот на 2026 година или во почетокот на следната, целта е системот да биде воспоставен на територијата на цела Македонија.

„Тоа е најголемиот предизвик за нас од аспект на мрежно поврзување со централниот систем. Но, како и да е, дали до крајов на оваа година или почетокот на наредна година, во секој случај ќе го имаме имплементирано на територија на цела Македонија“, истакна Тошковски.

Министерот оцени дека сообраќајната безбедност останува еден од најголемите предизвици, имајќи предвид дека значаен дел од криминалитетот е поврзан токму со сообраќајот.

Според најавите, проширувањето на „Безбеден град“ треба да овозможи системот постепено да ги опфати и останатите подрачја во земјата, со крајна цел целосно покривање на државата.