Само неколку дена по свеченото најавување на „новиот булеварски влез во Битола“, по првите дождови – асфалтот буквално се извалка во кал. Делници од патот, долг околу 200 метри, се подигнати и ископани, а на неколку места се создадоа дупки кои ги шокираа жителите.
Овој проект, што беше промовиран како капитален успех на локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Тони Коњановски, се претвори во причина за јавни критики и сарказам на социјалните мрежи.

„Пет дена по асфалтирањето, патот го проголта земјата“, изјави независниот советник Иван Чулакоски, додавајќи дека ова е уште еден доказ за фушерај и недовршени работи кои се претставуваат како капитални проекти.
Од Општина Битола веднаш се огласија со соопштение дека оштетениот дел не е коловоз, туку тротоар, кој наводно сè уште бил во фаза на изведба. Утрово на терен излегле стручни екипи за да утврдат што точно се случило.
Проектот беше најавен како иницијатива на премиерот Христијан Мицкоски, кој лани лично го постави камен-темелникот и вети „брзо завршување“. Сепак, уште во јуни годинава самиот изрази незадоволство од бавната динамика на изградбата, која ја изведува компанијата „Гранит“.
Во меѓувреме, додека Општината уверува дека „сè е под контрола“, граѓаните гледаат нешто друго – асфалт што пропаѓа пред официјално да биде пуштен во употреба.
Иронијата е уште поголема бидејќи вечерва, токму во Битола, коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи митинг – само неколку километри од местото каде што дождот ги разоткри слабите темели на „новиот“ булевар.
Извор: sdk.mk