Белгиските безбедносни служби спречија можен терористички напад кој, според првичните информации, бил насочен кон неколку политичари – меѓу нив и актуелниот премиер Барт де Вевер. Тројца млади мажи, родени во 2001, 2002 и 2007 година, се уапсени во Антверпен под сомнение дека подготвувале напад со дрон натоварен со експлозив.
Обвинителката Ан Франсен потврди дека апсењата се извршени во рамки на истрага за „обид за терористичко убиство и учество во активности на терористичка група“. Според неа, постојат докази дека осомничените сакале да изградат беспилотно летало способно да носи експлозивен товар.
При претресите, полицијата пронашла импровизирана направа со метални топчиња и 3Д печатач, кој се користел за изработка на делови за потенцијалниот напад. Еден од домовите бил само неколку стотини метри од куќата на премиерот.
Белгиските медиуми тврдат дека цел на нападот бил токму премиерот Де Вевер, што го потврди и неговиот заменик Максим Прево, кој на социјалната мрежа Икс напиша дека „веста е исклучително шокантна и потврдува дека терористичката закана е сè уште реална“.
Двајца од уапсените ќе се појават пред судија на 10 октомври, додека истрагата продолжува со цел да се утврди дали зад нив стои поширока мрежа инспирирана од џихадистичка идеологија.