Македонија продолжува со проширување на современиот систем за заеднички гранични контроли One Stop, кој треба значително да го намали времето на чекање за граѓаните и превозниците при преминување на границите.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека овој систем веќе функционира на граничните премини со Србија и Косово, а со неодамнешното потпишување на договорот со Република Албанија се прави уште еден важен чекор кон целосно воспоставување на заеднички контроли со сите соседни држави кои не се дел од Шенген зоната.
Со принципот One Stop, наместо две одделни проверки на двете страни од границата, патниците поминуваат низ една заедничка контрола, што овозможува побрзо движење, пократки колони и поефикасно управување со граничниот сообраќај.
Од МВР посочуваат дека првите резултати веќе се забележуваат. На граничниот премин Табановце, и покрај тоа што бројот на патници во летниот период е зголемен за околу 15 до 20 проценти, времето на чекање е значително намалено благодарение на примената на системот.
Слични придобивки се забележуваат и на преминот Блаце – Елез Хан, а со воведувањето на заедничките контроли на преминот Јажинце – Глобочица, Македонија ја заокружи имплементацијата на One Stop системот со Косово.
Следниот чекор е договорот со Албанија, со кој наскоро треба да започне воведувањето на истиот модел и на границата со оваа земја. Со тоа Македонија би станала една од првите држави во регионот која ќе има систем на заеднички гранични проверки со сите соседни земји кои не се членки на Шенген зоната.
Од Министерството нагласуваат дека проектот не претставува само техничко подобрување на граничните процедури, туку и инвестиција во полесно движење на луѓето, подобра економска соработка, развој на туризмот и поголема регионална поврзаност.
„Ова не е само инфраструктурен или административен проект. Ова е инвестиција во побрза комуникација меѓу луѓето, посилна економска соработка, поголема мобилност и уште побезбедни граници“, велат од МВР.
Со продолжувањето на овој процес, надлежните очекуваат граѓаните и компаниите да имаат помалку чекање, поефикасно патување и полесен пристап до регионалните пазари и дестинации.








