Сообраќајот на државните патишта низ Македонија утрово се одвива без пречки, при што коловозите се суви, а интензитетот на сообраќај е умерен, особено на патните правци надвор од урбаните средини.
Сепак, зголемен притисок се бележи на граничниот премин „Табановце“, каде што времето на чекање за влез во државата изнесува околу 30 минути, информира Автомотосојузот на Македонија (АМСМ).
На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања, ниту за влез, ниту за излез од државата.
Дополнително, од вчера попладне е нормализиран сообраќајот за тешки товарни возила на излез од земјава, поточно на делницата од бензинската пумпа „Дизел“ до граничниот премин „Блаце“.
АМСМ апелира до возачите да возат со прилагодена брзина, строго почитувајќи ја поставената сообраќајна сигнализација и да бидат особено внимателни при управување со возилата. Ова се однесува особено за планинските и ридските делници, како и оние кои минуваат низ речни долини и клисури, поради можност од појави на одрони.
Како критични делници за внимателно возење, АМСМ ги истакнува следните:
- Катланово – Велес
- Маврово – Дебар – Струга
- Виница – Берово
- Кочани – Делчево