Американскиот генерал Џон Раферти испрати сериозна порака до НАТО – руската армија не само што не е ослабена, туку сега е поголема отколку на почетокот на војната со Украина. Во интервју за „Ројтерс“, тој предупреди дека Москва вложува интензивно во ракети со долг дострел и напредна воздушна одбрана, а тоа е закана што Европа повеќе не смее да ја игнорира.
Раферти посочи дека токму употребата на овие ракети во Украина – кои се користат за прецизно уништување на воени објекти длабоко зад фронтот – е сигнал за сите членки на НАТО дека треба брзо да го модернизираат својот арсенал.
„Мораме да имаме капацитет за одвраќање. Алијансата мора да биде подготвена за најлошото“, изјави Раферти од базата во Висбаден, Германија.
Тој, како поранешен командант на американската артилериска команда во Мајнц-Кастел, работеше на подготовките за распоредување на американски ракети со долг дострел на европска почва – што треба да се случи во 2026 година. Меѓутоа, оваа стратегија сега е под прашалник откако Доналд Трамп се врати на функцијата претседател на САД.
Следната недела, германскиот министер за одбрана Борис Писториус ќе се сретне со новиот американски секретар за одбрана, Пит Хегсет. Главна тема ќе биде токму – дали плановите за американско оружје во Европа ќе останат во сила, или ќе има промени со новата администрација.
Генералот заврши со јасна порака: „Европа мора да преземе дел од товарот. Зависноста од Америка не може да трае бескрајно.“