Сцените од Сен Тропе, синоним за луксуз и гламур, денес беа далеку од сјајни – суперјахта долга 41 метар беше зафатена од силен пожар кој предизвика паника во пристаништето каде летуваат богатите и славните.
Јахтата „Sea Lady II“, чиј наем чини над 80.000 евра неделно, се најде во центарот на драмата откако избувна пожар на бродот. Пожарникарите со часови се бореа со огнената стихија, поставувајќи заштитна бариера околу јахтата за да го спречат загадувањето на морето.
Снимките кои се појавија на социјалните мрежи прикажуваат густ црн чад кој се издига високо над пристаништето, додека противпожарните екипи имале потешкотии да се качат на запалениот брод. Според француските медиуми, ситуацијата е сериозна, а постои опасност јахтата да потоне.
– Брзо ги преместивме околните јахти и поставивме бариери за заштита од загадување – изјави портпарол на противпожарната служба за АФП. Причината за пожарот сè уште се истражува.
„Sea Lady II“ е изградена во 1986 година, а целосно обновена во 2024 година. Таа располага со пет луксузни кабини, секоја со своја бања, екипаж од осум члена и капацитет за десет гости. Јахтата често се изнајмува преку агенцијата Charterlink.
За среќа, засега нема информации за повредени, но пожарот го разбуди прашањето за безбедноста дури и на најлуксузните пловни објекти.