Во Фондот за здравствено осигурување пристигнале уште 15 претставки од пациенти за сомнителни кардиохируршки интервенции, со што вкупниот број досега се искачи на 25, изјави директорот Сашо Клековски. Пет од претставките се индивидуални, а десет се поднесени преку установа.
Поплаките се однесуваат на три главни категории: интервенции извршени без реална потреба, интервенции што требало да бидат направени, но не биле, и случаи каде што извршените постапки не донеле подобрување кај пациенти во терминална фаза.
Најстарата претставка датира од 2010 година. Клековски предупреди дека јавноста не треба да очекува брзи резултати, бидејќи „брзината може да значи погрешни заклучоци“.
Тој потенцираше дека процесот мора да биде длабински и фокусиран на квалитет, а не на квантитет, со можност сериозните грешки да завршат со кривични пријави. „Индивидуалната одговорност мора да се санкционира, бидејќи грешките се индивидуални,“ нагласи Клековски.
Како пример го посочи случајот со Онкологија, нарекувајќи го „стратешки важен“ за целото здравство, бидејќи мора да заврши до крај и да донесе поука и системски промени.








