Нелегалното фрлање отпад во Скопје продолжува да биде под засилен надзор, а надлежните најавуваат строги санкции за сите кои ќе бидат фатени како го загадуваат јавниот простор.
Во текот на вчерашната вечер, на три различни локации во главниот град биле затекнати лица кои нелегално исфрлале шут и друг вид отпад. Според информациите, две од местата се наоѓале во општина Аеродром, додека третата локација била во централното градско подрачје, на улицата „Рузвелтова“.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека сторителите биле идентификувани и евидентирани, а им бил издаден налог да се појават во просториите на Град Скопје, каде што ќе им бидат изречени соодветни глоби според законските прописи.
Покрај паричните казни, на лицата им било наредено веднаш да го отстранат оставениот отпад и да го транспортираат до соодветна депонија. Како доказ дека постапиле по наредбата, тие ќе мора да достават кантарска белешка.
Од Град Скопје предупредуваат дека доколку отпадот не биде отстранет во предвидениот рок, ќе следуваат дополнителни санкции.
„Нема да дозволам поединци да го грдат лицето на Скопје, да го загадуваат просторот во кој живееме и да ја загрозуваат иднината на нашите деца. Нема оправдување за вакви појави и нема толеранција за уништување на градот“, порача Ѓорѓиевски.
Тој упати апел до граѓаните да покажат поголема одговорност и да се однесуваат кон градот како кон сопствен дом, бидејќи неодговорноста на поединци, според него, не смее да го поништи трудот на илјадници жители кои сакаат почиста и поуредна средина.
Градските инспектори, како што информира градоначалникот, продолжуваат со контроли во текот на целиот ден, а нивните екипи се на терен 24 часа со цел навремено откривање и санкционирање на нарушувањата поврзани со животната средина.
Надлежните повторуваат дека Скопје треба да биде град со ред, одговорност и почит, а фрлањето отпад на несоодветни места ќе биде проследено со законски последици.






