Регистрацијата и идентификацијата на животните, задолжителното евидентирање на нивното движење, построгата контрола на заразните болести и поголемата одговорност на одгледувачите се дел од новините што ги носи Предлог-законот за здравје на животните.
Со новото законско решение се предвидува воспоставување сеопфатен систем за спречување и справување со заразните болести кај домашните и дивите животни. Дополнително, ќе се регулираат правилата за нивно движење, трговија, увоз и извоз, а за непочитување на обврските се предвидени значителни парични казни, кои за одредени правни лица достигнуваат до 6.000 евра.
Една од најважните промени е тоа што системот треба да се насочи кон превенција, наместо да реагира дури откако ќе се појави заразна болест. Тоа значи порано откривање на можните ризици, редовен надзор, навремено пријавување сомнителни случаи и побрзо преземање мерки за спречување на ширењето на заразите.
Со новите правила, одгледувачите, операторите, ветеринарните друштва и другите субјекти ќе имаат јасно утврдени обврски во однос на здравјето и контролата на животните.
Задолжителна регистрација и електронска евиденција на животните
Предлог-законот предвидува регистрација и одобрување на објектите во кои се чуваат животни, како и нивна идентификација и евиденција.
Ќе мора да се водат и редовно да се ажурираат податоци за потеклото и движењето на животните, нивните раѓања, угинувања и преместувања. Овие информации ќе се внесуваат во електронска база, со што надлежните институции ќе имаат подобар увид во состојбата и ќе можат полесно да го следат движењето на животните.
При нивно преместување, ќе биде задолжително да имаат соодветна придружна документација. Во одредени случаи ќе биде потребен и сертификат за здравствената состојба, издаден од официјален ветеринар.
Посебни правила ќе важат за движењето на животните во подрачја во кои се воведени ограничувања поради појава на заразни болести. Во такви ситуации, преместувањето ќе биде условено со добивање дозвола и претходно известување на официјалниот ветеринар.
Новото законско решение не се однесува само на домашните животни, туку ги опфаќа и дивите животни, аквакултурата и производите од животинско потекло.
Построги мерки за спречување на ширењето зарази
Значително внимание ќе биде посветено и на биосигурноста, односно мерките што треба да спречат внесување и ширење на заразни болести во објектите каде што се одгледуваат животни.
Одгледувачите и операторите ќе имаат обврска да применуваат соодветни мерки за заштита, со цел да се намали ризикот од појава и ширење на инфекции.
Посебни обврски ќе имаат и лабораториите, како и другите субјекти кои ракуваат со причинители на болести за потребите на истражување, дијагностицирање или производство на вакцини. Тие ќе мора да применуваат мерки за биозаштита и биоизолација.
Со ова треба да се обезбеди поголема контрола врз ризиците што можат да влијаат врз здравјето на животните и да предизвикаат ширење на заразни заболувања.
Казните достигнуваат до 6.000 евра – различни износи според големината на фирмата
Предлог-законот предвидува високи парични санкции за правните лица кои нема да ги почитуваат пропишаните обврски. Висината на глобите ќе зависи од големината на трговецот.
Според предвидените казни:
- За микро трговци глобата ќе изнесува од 300 до 600 евра.
- За мали трговци казната ќе биде од 600 до 1.000 евра.
- За средни трговци се предвидуваат казни од 1.000 до 2.000 евра.
- За големи компании глобите ќе се движат од 3.000 до 6.000 евра.
Дополнителни санкции се предвидени и за одговорните лица во компаниите. За нив казните ќе се движат од 200 евра за микро трговците до 450 евра за големите трговци.
За физичките лица е предвидена глоба од 200 евра во денарска противвредност.
За кои прекршоци ќе се изрекуваат казни?
Санкции ќе следуваат за непријавување заразни болести, неспроведување на пропишаните биосигурносни мерки, како и за несоработка со Агенцијата за храна и ветеринарство и овластените ветеринари.
Казни се предвидени и доколку не се води евиденција за животните или податоците не се ажурираат редовно.
Прекршок ќе биде и доколку животните не се соодветно идентификувани, немаат потребна документација или се преместуваат без задолжителните дозволи и сертификати.
Одговорност ќе има и за сопствениците и операторите кои работат во нерегистрирани или неодобрени објекти, како и за оние кои нема да ги пријават промените во нивното работење.
Ќе има рок од осум дена за плаќање на половина од казната
Предлог-законот ја уредува и постапката за порамнување при утврден прекршок.
Кога инспекторот ќе констатира дека се прекршени законските правила, ќе состави записник и може да предложи издавање прекршочен платен налог.
Лицето на кое му е издаден налогот ќе има рок од осум дена од неговиот прием за да ја плати глобата.
Доколку ја подмири во предвидениот рок, ќе треба да плати само половина од изречениот износ, без дополнителни трошоци за постапката.
Но доколку не се согласи со налогот или не ја плати казната во рокот од осум дена, ќе следува прекршочна постапка пред надлежниот орган или суд.
Новиот закон ќе ги обедини досегашните правила
Предлог-законот е усогласен со европската регулатива за здравје на животните. Неговата цел е да се обединат и осовременат правилата кои досега беа распределени во повеќе законски решенија.
Меѓу прописите чии области ќе бидат опфатени се законите за ветеринарно здравство, идентификација и регистрација на животните, како и заштита и благосостојба на животните.
Агенцијата за храна и ветеринарство ќе биде надлежна за спроведување на новиот закон.
За неговата практична примена се предвидува донесување подзаконски акти во рок од 24 месеци од стапувањето во сила на законот.
Со предложените измени се најавува посеопфатна контрола врз здравјето на животните, задолжително следење на нивното движење и поголема одговорност за сите што ги чуваат, одгледуваат или со нив тргуваат.






