Од 1 април 2027 година повторно ќе биде воспоставена директната авиолинија меѓу Скопје и Дубаи. Авиокомпанијата „Флајдубаи“ официјално најави враќање на летовите, кои ќе се реализираат трипати неделно – секој понеделник, четврток и сабота.
Со обновувањето на оваа линија, патниците од Македонија повторно ќе добијат можност директно да патуваат до Дубаи, но и да ја користат оваа дестинација како појдовна точка за продолжување на патувањата кон бројни светски градови. Тоа ќе биде овозможено и преку партнерството за заедничко користење летови со авиокомпанијата „Емирати“.
Од „Флајдубаи“ посочуваат дека повторното воспоставување на линијата Скопје – Дубаи е дел од нивната стратегија за поврзување на пазари кои имаат ограничен број директни авиолинии до овој град. Дубаи е еден од најважните меѓународни воздухопловни центри, преку кој патниците можат да продолжат кон голем број дестинации низ светот.
Главниот извршен директор на „Флајдубаи“, Гаит Ал Гаит, оценува дека враќањето на летовите до Скопје ќе создаде нови можности за развој на туризмот, трговијата и културната размена меѓу двете дестинации.
Според него, подобрата поврзаност со Дубаи има значење за развојот на меѓународниот авиосообраќај, особено за пазарите од кои нема голем избор на директни летови до овој град.
Од обновувањето на линијата придобивки ќе имаат туристите, деловните патници, но и македонската дијаспора, која ќе добие дополнителна можност за патување.
Вишиот потпретседател за комерцијални операции и е-трговија во „Флајдубаи“, Џејхун Ефенди, истакнува дека новата линија ќе им овозможи поголема флексибилност на патниците од Европа, вклучително и на оние кои патуваат од Австралија и Азија.
Преку Дубаи ќе може да се продолжи кон Шангај, Сингапур, Бангкок и Занзибар
Една од главните предности на обновената авиолинија е можноста патниците од Скопје да продолжат кон голем број меѓународни дестинации благодарение на партнерството меѓу „Флајдубаи“ и „Емирати“.
Меѓу градовите до кои ќе може да се патува преку оваа поврзаност се Шангај и Сингапур, како и дестинации од мрежата на „Флајдубаи“, меѓу кои Бангкок, Коломбо и Занзибар.
Дополнителна погодност е тоа што патниците ќе можат да направат една резервација за целото патување, без потреба од одделно резервирање на секој лет. Исто така, багажот ќе може да биде регистриран директно до крајната дестинација, што го олеснува продолжувањето на патувањето преку Дубаи.
„Флајдубаи“ за првпат ја воспостави линијата Скопје – Дубаи во октомври 2012 година. Со најавеното повторно воведување на летовите од 1 април 2027 година, авиокомпанијата повторно ќе стане дел од понудата на скопскиот аеродром.
Компанијата во моментов располага со флота од 99 авиони од типот „Боинг 737“, а нејзината мрежа опфаќа повеќе од 120 дестинации во 57 земји.






