ПРВ.мк
Македонија

ТРОЈЦА ВОЗАЧИ ФАТЕНИ БЕЗ ВОЗАЧКА: Меѓу нив и 16-годишник!

ТРОЈЦА ВОЗАЧИ ФАТЕНИ БЕЗ ВОЗАЧКА: Меѓу нив и 16-годишник!

Тројца возачи биле затекнати како управуваат патнички возила без да поседуваат возачка дозвола во Тетово и Гостивар. Станува збор за три одделни случаи регистрирани во периодот од 2 до 4 ноември, а меѓу лицата кои биле затекнати зад воланот има и 16-годишен малолетник.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека првиот случај бил регистриран на 2 ноември на булеварот „Видое Смилевски Бато“ во Тетово. При спроведена сообраќајна контрола, полицајците утврдиле дека 30-годишниот Д.А. од тетовското село Порој управувал патничко возило со тетовски регистарски ознаки без да има возачка дозвола.

Поради сторениот прекршок, тој бил лишен од слобода и приведен од полициските службеници.

Следниот ден, на 3 ноември, полицијата регистрирала уште еден случај во Гостивар. На улицата „Илинденска“ бил затекнат 16-годишен малолетник како управува автомобил „мицубиши“ со гостиварски регистарски ознаки, иако не поседувал возачка дозвола.

Со малолетникот бил извршен службен разговор во полициска станица, во присуство на неговата мајка.

Третиот случај се случил на 4 ноември, пет минути по полноќ, во населбата Циглана во Гостивар. Таму полицијата го лишила од слобода 19-годишниот С.А. од Гостивар, откако при контрола било утврдено дека управувал автомобил „ауди“ со скопски регистарски ознаки без да поседува возачка дозвола.

Од МВР соопштуваат дека по целосното документирање на сите три случаи ќе бидат поднесени соодветни поднесоци против лицата.