Грчката полиција синоќа во Солун уапсила 43-годишен маж по кого била распишана меѓународна потерница од Интерпол на барање на Македонија, поради сомнение за сторено кривично дело тешка кражба.
Како што пренесува дописничката на МИА од Атина, апсењето било извршено во централното градско подрачје на Солун, од страна на припадници на Одделението за сузбивање и расчистување кривични дела.
Од грчката полиција соопштиле дека станува збор за 43-годишен странски државјанин, кој бил баран со меѓународна потерница распишана од Интерпол – Северна Македонија, поради сомнение за кривично дело тешка кражба, согласно Кривичниот законик на нашата држава.
Приведувањето било реализирано во рамки на редовните полициски контроли и патроли што се спроведуваат во Солун. Овие активности се насочени кон спречување и сузбивање на криминалот, како и откривање и расчистување на кривични дела.
По апсењето, 43-годишникот треба да биде изведен пред надлежните грчки органи. Потоа се очекува да започнат законските постапки за негова екстрадиција во Македонија, каде што е баран по меѓународната потерница.







