ПРВ.мк
Македонија

ПЕНЗИОНЕРИТЕ ВО НЕИЗВЕСНОСТ: Не можат да ја префрлат пензијата во друга банка, а од Алта немаат од кого да се одјават!

ПЕНЗИОНЕРИТЕ ВО НЕИЗВЕСНОСТ: Не можат да ја префрлат пензијата во друга банка, а од Алта немаат од кого да се одјават!

Пензионерите кои повеќе не сакаат да ги примаат своите пензии преку Алта банка се соочуваат со сериозен проблем при обидот да ја променат банката преку која им се исплаќаат средствата. Иако сакаат да се префрлат во друга банка, дел од нив наишле на барање да достават потврда дека се одјавиле од Алта банка. Проблемот е што шалтерите на банката се затворени, па пензионерите немаат можност да ја завршат оваа постапка.

Според сознанијата на „Слободен печат“, дел од пензионерите веќе се обратиле во други банки за да ја префрлат исплатата на пензијата, но кај банките со кои разговарал медиумот им било побарано најпрво да се одјават од Алта банка.

Токму тука настанува проблемот: за да ја променат банката преку која ја добиваат пензијата, треба да достават отпис од досегашната банка, но во моменталните околности не можат да го добијат потребниот документ на вообичаениот начин.

Дел од пензионерите се обратиле и во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, надевајќи се дека таму ќе можат да ја променат банкарската сметка. Сепак, од Фондот објаснуваат дека немаат надлежност да вршат промени на банкарските сметки на корисниците, туку исплатата ја реализираат на сметките што им ги доставуваат банките, согласно изборот на пензионерите.

Од Фондот за ПИОМ појаснуваат дека постапката за исплата на пензија е јасно утврдена. Кога едно лице ќе добие решение за пензија, заедно со него добива и потврда дека е пензионер, како и пензиски број. Со тој документ корисникот може да се обрати во која било банка и да пријави дека сака пензијата да ја прима преку сметка во таа банка.

Секој месец банките до Фондот доставуваат податоци за сметките поврзани со пензиските броеви, врз основа на кои се врши исплатата.

„Ако некој сака во меѓувреме да ја смени банката, треба да оди и да се одјави во банката во која веќе примал пензија. Секако, пензионерите како и сите други граѓани може паралелно да имаат сметки во повеќе банки, но пензијата ја примаат преку една банка“, објаснуваат од Фондот.

Од таму посочуваат и дека Алта банка не е затворена, ниту пак ѝ е одземена дозволата за работа, па затоа и понатаму може да доставува податоци за сметките на кои треба да се исплаќаат пензиите.

„Затоа, банките меѓу себе си бараат одјавување и пријавување, а до нас се доставуваат само пензиските броеви за исплата“, велат од Фондот за ПИОМ.

Бидејќи дел од граѓаните кои се обратиле во Фондот инсистирале да добијат нова потврда дека се пензионери, иако веќе имаат доделен пензиски број, од институцијата им издаваат таков документ. Сепак, од таму нагласуваат дека еднаш добиениот пензиски број важи трајно и дека пензионерите сами одлучуваат на која банкарска сметка ќе им се префрлаат средствата.

Ограничувања за подигнување на парите од Алта банка

Во меѓувреме, за пензионерите и останатите граѓани кои имаат сметки во Алта банка важат посебни ограничувања за подигнување на средствата. Од банкоматите ќе можат да повлекуваат најмногу по 10.000 денари неделно.

За пензионерите кои немаат платежни картички, шалтерите ќе бидат отворени од утре во наредните два дена, односно заклучно со сабота. На овој начин тие ќе можат лично да ги подигнат парите, но со ограничување до 20.000 денари.

Сепак, според информацијата од Народната банка, привремено отворените шалтери нема да можат да се користат за други банкарски услуги. Тоа значи дека пензионерите нема да можат да ја искористат оваа можност ниту за да добијат отпис од Алта банка и да ја завршат постапката за префрлање на пензијата во друга банка.

Така, пензионерите кои сакаат да ја сменат банката преку која ја добиваат пензијата засега се соочуваат со дополнителна пречка, иако Фондот за ПИОМ потврдува дека тие имаат право сами да одлучат на која сметка ќе им бидат исплаќани средствата.