ПРВ.мк
Македонија

ОДЛИЧНИ ВЕСТИ ЗА БЕЗБЕДНОСТА ВО СООБРАЌАЈОТ: За десет месеци спасени се 33 животи повеќе отколку лани!

ОДЛИЧНИ ВЕСТИ ЗА БЕЗБЕДНОСТА ВО СООБРАЌАЈОТ: За десет месеци спасени се 33 животи повеќе отколку лани!

Бројот на загинати лица во сообраќајни несреќи во Македонија бележи значително намалување во првите десет месеци од годинава. Според податоците што ги соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, од почетокот на годината до крајот на октомври животот го загубиле 84 лица, што е за 33 помалку во споредба со истиот период во 2025 година, кога биле регистрирани 117 загинати.

Овие податоци Тошковски ги презентираше денеска на промоцијата на Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата за периодот 2026–2030 година.

Министерот посочи дека и покрај подобрувањето на состојбите во последниот период, статистиката од изминатите децении покажува дека Македонија и понатаму се соочува со сериозен предизвик кога станува збор за безбедноста на патиштата.

Според него, во последните 35 години на македонските патишта во просек годишно животот го губеле речиси 150 лица, што јасно ја покажува потребата од долгорочни и системски мерки за спречување на сообраќајните несреќи.

„Кога говориме од аспект на безбедност генерално, но кога говориме за безбедност во делот на сообраќајот, тука особено во изминатите 35 години навистина не можеме да кажеме дека имаме добри резултати. Просек на загубени човечки животи во последните 35 години годишно е некаде 150 во Македонија“, истакна Тошковски.

Како што информираше прес-службата на МВР, министерот оценил дека намалувањето на бројот на загинати претставува значително подобрување, особено ако се земе предвид дека и во одредени години кога сообраќајот бил драстично намален, како во 2001 и 2021 година, бројот на жртви бил повисок.

Тошковски посебно им се заблагодари на граѓаните, нагласувајќи дека нивното посовесно однесување во сообраќајот има значајна улога во намалувањето на бројот на несреќи, повредени и загинати лица. Според него, резултатите се должат и на активностите на институциите, превентивните кампањи, како и поддршката од општествено одговорните компании и граѓанските организации.

„Овој ден, овој момент, сакам да го искористам уште еднаш да им се заблагодарам на македонските граѓани, пред сè затоа што тие најмногу придонесоа да се намали бројката на жртви во Македонија. Тие се тие што одлучија да управуваат моторни возила и да бидат учесници во сообраќајот посовесно од претходно“, порача министерот.

Целта е до 2030 година бројот на загинати да се преполови

Една од главните цели на новата Национална стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата е до 2030 година бројот на загинати лица во сообраќајни несреќи да биде намален за 50 проценти во споредба со 2024 година.

Стратегијата се темели на принципот „Секој живот е важен“ и предвидува координирано делување на институциите и целото општество. Меѓу предвидените активности се превенцијата, едукацијата на учесниците во сообраќајот, подобрувањето на сообраќајната култура и поголемата примена на современи технологии.

Тошковски нагласи дека, иако секој возач може да направи грешка додека управува моторно возило, државата има обврска да создаде услови за намалување на последиците од сообраќајните незгоди и да преземе максимални превентивни мерки.

„Човекот секогаш може да згреши управувајќи моторно возило, но државата е таа којашто треба да стори сè за да го намали бројот на жртви во рамки на сообраќајот, да го намали бројот на повредени луѓе во рамки на сообраќајот и да стори сè за да може максимално превентивно да делува во насока на подобрување на сообраќајот“, истакна министерот.

МВР меѓу петте селектирани институции за меѓународно признание

На промоцијата Тошковски информираше и дека напорите на Македонија за подобрување на безбедноста во сообраќајот добиваат признание и на меѓународно ниво.

Министерството за внатрешни работи е меѓу петте селектирани институции за потенцијална награда на престижниот светски полициски самит во Дубаи. Во конкуренција се и полициски служби од земји како Сингапур и Обединетите Арапски Емирати.

Министерот изрази уверување дека со заедничка одговорност, почитување на сообраќајните правила и континуирана работа на институциите, Македонија ќе продолжи да ги подобрува резултатите.

Крајната цел, како што порача, е намалување на бројот на сообраќајни несреќи и повредени лица, со стремеж кон нула загубени човечки животи на патиштата.