Секторот за внатрешни работи Струмица поднел кривична пријава против четири лица, меѓу кои и едно правно лице од Ново Село, поради сомневања за злоупотреби поврзани со постапка за јавна набавка и прием на одземена жива стока.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, пријавата е поднесена против правното лице од Ново Село, неговиот 46-годишен управител Т.Р., како и против 68-годишниот К.Р. од селото Просениково. Тие се сомничат за сторено кривично дело „злоупотреба на постапката на јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“.
Кривична пријава е поднесена и против Г.Г. (52), вработен во Агенцијата за управување со одземен имот во Скопје, кој се сомничи за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Според информациите од МВР, прво, второ и третопријавените во два наврати не извршиле квантитативен и квалитативен прием на одземената жива стока, иако тоа било предвидено со одредбите од склучениот договор за јавна набавка.
Од друга страна, четвртопријавениот, кој бил вработен во Агенцијата за управување со одземен имот, не побарал да се спроведе соодветна проверка на количината и квалитетот на живата стока. Тоа требало да биде направено преку изготвување соодветен записник, но таква постапка не била побарана.
Од МВР информираат дека кривичната пријава е поднесена поради постоење основи на сомнение за наведените кривични дела.







