Општина Кавадарци е единствената локална самоуправа од Македонија која учествува на престижниот Европски форум за цивилна заштита, што се одржува од 3 до 5 ноември во Брисел.
На овој значаен меѓународен собир, општината ја претставува Сашо Мошев, раководител на Секторот за развој. Тој пред европските експерти и претставници ги сподели искуствата на Кавадарци во соработката со меѓународните донатори во областа на цивилната заштита, како и напредните чекори што ги презема општината во делот на заштитата на населението од најразлични ризици.
Како што беше истакнато на форумот, Кавадарци веќе има развиено стратешки план за управување со ризици и континуирано инвестира во подигање на подготвеноста на граѓаните.
„Градоначалник што инвестира во подготвеност, инвестира во довербата“, порача Сашо Мошев за време на своето обраќање.
Од локалната самоуправа упатија и искрена благодарност до Канцеларијата на Обединетите нации за намалување на ризик од катастрофи (UNDRR) за досегашната силна поддршка и исклучителната соработка во оваа област.





