Голема полициска акција се спроведува денеска во Скопје, при што полицијата врши претреси на вкупно 32 локации. Акцијата е поврзана со сомнежи за фалсификување исправи, информира Основното јавно обвинителство Скопје.
Претресите се извршуваат врз основа на наредби од судија на претходна постапка, обезбедени по барање на јавен обвинител од ОЈО Скопје.
Со акцијата се опфатени лица и нивните домови, а полицијата влегува и во службени простории во Министерството за внатрешни работи.
Паралелно се преземаат и други истражни дејствија со цел обезбедување докази кои би биле користени во понатамошната постапка.
Од Обвинителството посочуваат дека акцијата се спроведува поради сомнение за сторено кривично дело „Фалсификување исправа“ од член 378 од Кривичниот законик.
Засега не е соопштено колку лица се опфатени со истрагата, ниту дали има приведени. Повеќе информации се очекуваат по завршувањето на претресите.









