Претседателот на Управниот одбор на „Европската очна болница“, Билал Кара, е под истрага за перење пари, а скопскиот Кривичен суд му одредил мерки на претпазливост со кои му се одзема пасошот, му се забранува да ја напушта државата и му се наложува редовно да се јавува во судот.
Од скопскиот Кривичен суд за „Слободен печат“ потврдиле дека одлуката ја донел судија на претходна постапка во текот на ноќта.
Под истрага е и Гериана Арапи, поранешна директорка на „Санте плус груп“, компанијата во чија сопственост е „Европската очна болница“. Таа се сомничи за измама во службата. Мерки на претпазливост ѝ се изречени и на Селма Амет, актуелна управителка на Специјалната болница за гинекологија „Санте плус груп“.
Случајот има и претходница во Албанија
Билал Кара и Гериана Арапи, според информациите што минатата година ги објавија албанските медиуми, биле барани и во Албанија, по полициската акција „Биланци“ во Тирана.
Во рамки на таа акција бил приведен Едмонд Заја, одговорното лице на поранешната приватна болница „Санте Плус Албанија“, додека акционерите Билал Кара и Гериана Арапи не им биле достапни на албанските надлежни органи.
Според тогашните медиумски објави, истрагата во Албанија се однесувала на сомневања дека здравствениот субјект, кој во меѓувреме го сменил името во „Меѓународна болница Медикер“, прикрил добивка поголема од еден милион евра и користел производи што не биле дозволени за давање здравствени услуги.
Во извештаите биле наведени и сомневања за вработување лица без осигурување и избегнување на плаќање данок.
Според податоците објавени на платформата „Компани вол“, „Европската очна болница“ во скопската населба Ѓорче Петров, која се поврзува со Кара и Арапи, има обврска за данок на доход во износ од 1.455.245 денари. Според истиот извор, компанијата не е блокирана.
Се проверуваат сомнежи за двојна наплата од пациентите и Фондот
Министерот за здравство Сашо Клековски вчера посочи дека една од причините поради кои се спроведува истрагата е сомнежот дека „Европската очна болница“ наплаќала за очни интервенции и од пациентите и од Фондот за здравствено осигурување. Станува збор за наводна двојна наплата на исти здравствени услуги.
Клековски спомена и дека во изминатите години имало повеќе пријави до Државниот санитарен и здравствен инспекторат поврзани со работењето на оваа приватна здравствена установа.
Дел од тие пријави биле доставени до „Слободен печат“ во септември 2025 година, откако редакцијата побарала информации од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за поплаките што ги поднесувале пациенти.
Еден од случаите се однесува на анонимна писмена претставка примена на 23 декември 2024 година, преку Државниот инспекторат за труд. Во неа биле изнесени наводи дека во „Европската очна болница“ прегледи и хируршки интервенции изведувал докторот Себахатин Ташкиран од Турција, кој, според пријавата, не потпишувал медицински документи, а се претставувал како лиценциран специјалист по офталмологија.
Одговорот на инспекторатот покажува дека на 21 јануари 2025 година бил извршен вонреден инспекциски надзор. При контролата, вработените и адвокатот на установата потврдиле дека докторот Ташкиран вршел здравствена дејност во болницата.
Сепак, инспекторите утврдиле дека тој не бил потпишан на ниту еден медицински документ и дека немал лиценца за работа издадена од Лекарската комора на Република Северна Македонија. Било констатирано и дека во отпусните писма на оперираните пациенти немало потпис и факсимил од докторот кој ја извршил интервенцијата.
Поради утврдените недостатоци, Државниот санитарен и здравствен инспекторат издал решение со наредба тие да бидат отстранети. Од установата било побарано да достави лиценца за работа за докторот Ташкиран, бидејќи инспекторатот бил информиран дека постапката за нејзино добивање е во тек и дека веќе било поднесено барање до Лекарската комора.
Но, според одговорот што го добил „Слободен печат“, лиценцата не била доставена на увид.
Редакцијата побарала потврда и од Лекарската комора дали Себахатин Ташкиран поседува лиценца за работа во Македонија. Одговорот бил дека во регистарот на издадени, обновени, продолжени и одземени лиценци не е евидентиран доктор со тоа име и презиме.
Инспекторатот пријавил и друг случај, поврзан со претставка од 23 декември 2024 година, која била препратена преку Министерството за здравство. Станувало збор за странски државјанин кој уплатил пари за хируршка интервенција во „Европската очна болница“, планирана за август 2024 година.
Пациентот бил информиран дека операцијата ќе ја изврши доктор од Турција, но интервенцијата била откажана, а дел од уплатените средства не му биле вратени.
При вонредниот инспекциски надзор на 15 јануари 2025 година било утврдено дека во меѓувреме на пациентот му биле вратени и преостанатите пари, соопштиле од ДСЗИ за „Слободен печат“.
Кривична пријава против 11 лица и болницата
Министерството за внатрешни работи вчера поднело кривична пријава против 11 лица и „Европската очна болница“. Пријавата опфаќа сомнежи за злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, фалсификување или уништување деловни книги, измама во службата, како и перење пари и други приноси од казниво дело.
Меѓу пријавените е и поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев.
Според наводите во кривичната пријава, во 2020 година двајца тогашни директори на ФЗО, меѓу кои и Дончев, заедно со претставник на „Европската очна болница“, склучиле договор за кој постојат сомнежи дека бил спротивен на пропишаните постапки и интерните акти на Фондот.
Претседателот на Управниот одбор на болницата се сомничи за неправилности во постапката за одобрување на договорот.
Според пресметките наведени од МВР, штетата врз буџетот на Фондот изнесува 1,7 милиони евра, поради исплати врз основа на фиктивни фактури. Дополнително, се наведува и износ од 525 илјади денари за ненаплатени договорни казни.
Полицијата посочува дека постојат сомнежи оти во периодот од 2022 до 2025 година „Европската очна болница“ се стекнала со противправна имотна корист од 4,25 милиони евра. Според пријавата, со наводната двојна наплата биле оштетени меѓу 3.000 и 4.000 пациенти.
Од МВР објаснуваат дека, според сомнежите, преку внесување невистинити податоци во електронскиот систем на ФЗО и изготвување фактури со невистинита содржина, здравствената установа наплаќала исти услуги од два извора – од Фондот и директно од пациентите.
На пациентите, покрај законската партиципација, им била наплаќана и приватна цена за операциите, без да им биде соопштено дека истите услуги биле фактурирани и кон Фондот за здравство.
Под истрага и лица од раководните структури на Фондот
Кривичната пријава опфаќа и сомнежи за постапувањето на поранешни и актуелни функционери во структурите на Фондот.
Пријавениот директор на Секторот за контрола во ФЗО се сомничи дека не ги доставувал извештаите за утврдените неправилности до надлежната комисија. Исто така, постојат сомнежи дека го одложувал спроведувањето редовни контроли, со што се избегнувало изрекување дополнителни договорни казни и можноста за раскинување на договорот со болницата.
Две раководителки на Подрачната служба Скопје, пак, се сомничат дека не ја следеле наплатата на веќе изречените казни и не ги известувале надлежните служби за состојбата. Како последица на тоа, според наводите во пријавата, исплатите кон здравствената установа продолжувале без претходно да се пребиваат нејзините долгови.
Од Министерството за внатрешни работи наведуваат дека постојат сомнежи и за начинот на кој биле користени средствата исплатени од ФЗО. Според полицијата, овластени лица во установата наводно знаеле дека парите потекнуваат од кривично дело, но сепак ги внесувале во платниот промет, ги евидентирале на различни сметководствени конта и ги користеле за исплата на плати, набавки и други трошоци.
Во рамки на полициската акција поврзана со истрагата за сомнителни постапки при наплата на очни операции, биле извршени претреси на повеќе локации во Скопје, Тетово и Куманово.
При акцијата биле лишени од слобода осум лица, а при претресите биле пронајдени и одземени парични средства во износ од околу 50.000 евра, како и мобилни телефони.
Надлежните институции продолжуваат со постапките за утврдување на сите околности и евентуалната одговорност на пријавените лица. Наводите содржани во кривичната пријава и истрагата претставуваат сомнежи, а конечната одговорност ќе ја утврдува надлежниот суд.







