Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори истражна постапка против три лица осомничени дека во периодот од декември 2019 до март 2021 година на организираната криминална група „Дуќанџик“ од скопското село Грчец ѝ доставувале доверливи службени информации.
Акцијата била спроведена по координација со надлежен јавен обвинител, а ја реализирал Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи. Во рамки на акцијата биле приведени сите тројца осомничени.
Од обвинителството информираат дека лицата се сомничат за злосторничко здружување и продолжено оддавање службена тајна. Покрај тоа, првиот и третиот осомничен се товарат и за попречување на правдата, додека првоосомничениот се сомничи и за противправно стекнување и прикривање имот.
Според досегашните сознанија од истрагата, двајца од осомничените претходно работеле како главни инспектори за имотни деликти и за недозволена трговија со дрога. Тие, преку третото осомничено лице, на криминалната група ѝ доставувале информации кои требало да останат службена тајна.
Станувало збор за податоци поврзани со полициски истраги, безбедносни активности, примена на посебни истражни мерки и планирани оперативни акции. За откривањето и доставувањето на овие информации, според обвинителството, осомничените добивале паричен надомест.
Во наредбата за спроведување истрага се наведува дека со откривањето на доверливите службени податоци тие сериозно ја попречиле работата на истражните органи. На тој начин, како што посочуваат обвинителите, било отежнато собирањето и обезбедувањето докази во повеќе кривични постапки.
Информации протекувале за повеќе сериозни случаи
Истрагата опфаќа неколку случаи од периодот во кој, според сомневањата, се оддавани службените информации. Меѓу нив е обидот за убиство по нарачка од декември 2019 година, како и убиство извршено во август 2020 година.
Во предметот се опфатени и истрагата со кодно име „Планина“, случајот со грабнување од септември 2020 година и двојното убиство во Скопје во март 2021 година.
Според обвинителството, до припадниците на криминалната група биле пренесувани податоци за лица осомничени во овие предмети, сведоци, докази што биле обезбедени во истрагите, полициски активности, како и службеници кои биле ангажирани во нивното спроведување.
Сега обвинителството треба да ги утврди сите околности и одговорноста на осомничените во рамки на истражната постапка.









