Патниците кои патуваат со меѓународни летови кон Соединетите Американски Држави ќе мора да исполнат нов услов пред да се качат во авионот. Станува збор за потпишана изјава со која потврдуваат дека во последните 21 ден не престојувале во Демократска Република Конго.
Новото правило ќе почне да се применува за летовите што поаѓаат од 3 ноември 2026 година во 23:59 часот по источноамериканско стандардно време, односно од 4 ноември во 05:59 часот според македонското време.
Мерката ја воведува американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), поради ризикот од внесување на вирусот ебола во Соединетите Американски Држави.
Обврската важи за сите патници, без разлика на нивното државјанство. Тоа значи дека изјава ќе треба да достават и американските државјани, како и лицата кои патуваат до друга дестинација, но имаат само транзит преку американски аеродром.
Без изјава нема да има качување во авионот
Авиокомпаниите ќе мора да проверат дали патниците ја доставиле потребната изјава пред поаѓањето. Оние кои нема да го имаат документот нема да добијат дозвола да се качат на летот кон САД.
„Ер Србија“ веќе ги информирала своите патници за новата обврска, посочувајќи дека секој патник треба да пополни посебна изјава и да ја достави во печатена форма.
Кога станува збор за малолетни лица или патници кои не се во можност самостојно да ја потпишат изјавата, документот може да го потпише родител или друго овластено лице.
Кој нема да може да патува кон САД?
Според правилата на ЦДЦ, лицата кои во претходните 21 ден престојувале во Демократска Република Конго нема да можат да се качат на лет со дестинација во Соединетите Американски Држави.
Особено важно е што под престој се подразбира и транзитирање преку аеродром во оваа земја. Тоа важи дури и во случаи кога патникот воопшто не го напуштил авионот или транзитната зона на аеродромот.
ЦДЦ дозволува изјавата да биде доставена во хартиена или електронска форма, но конкретниот начин на прифаќање зависи од процедурите на авиокомпанијата.
Поради тоа, на патниците им се препорачува пред патувањето да ги проверат најновите упатства кај својот авиопревозник и навреме да го подготват потребниот документ, за да избегнат проблеми при пријавувањето и качувањето во авионот.









