Нови снимки од падот на воениот хеликоптер „CH-47 Chinook“ во Босна и Херцеговина ја прикажуваат несреќата што се случила во селото Горице, во близина на Брчко. Во трагичниот инцидент животот го загубиле четири лица, додека уште 11 се повредени.
На видеоснимките се гледа како хеликоптерот, кој припаѓа на италијанскиот контингент на ЕУФОР, лета на мала височина, по што неколкупати се врти во воздухот и на крајот паѓа на земја.
Во леталото во моментот на несреќата имало вкупно 15 лица. Три лица загинале на местото на падот, додека четвртото подоцна им подлегнало на повредите во болница.
Меѓу загинатите се Симоне Руџија и Клаудио Маркези, припадници на италијанските вооружени сили, како и Франко Адријано Зекило и Лаура Прокачи, кои биле членови на Доброволниот воен корпус на Италијанскиот црвен крст.
Од ЕУФОР информирале дека сите 11 повредени лица се во стабилна здравствена состојба. Деветмина од нив се згрижени во болница во Брчко, додека двајца биле пренесени на лекување во болница во Тузла.
Според информациите од ЕУФОР, хеликоптерот се урнал за време на рутинска вежба за обука. Леталото паднало во ненаселена област, во близина на неколку куќи.
И покрај сериозноста на несреќата, нема загинати или повредени цивили, а не е причинета ниту материјална штета на цивилната инфраструктура, објектите, имотот или возилата во околината.







