ПРВ.мк
Македонија

СТОТИЦИ ГРАЃАНИ ВОВЛЕЧЕНИ ВО ЛАЖНА ИНВЕСТИЦИСКА ШЕМА: Ветувале брза заработка, а парите никогаш не им биле исплатени!

СТОТИЦИ ГРАЃАНИ ВОВЛЕЧЕНИ ВО ЛАЖНА ИНВЕСТИЦИСКА ШЕМА: Ветувале брза заработка, а парите никогаш не им биле исплатени!

Стотици граѓани од Македонија, според сомнежите на истражните органи, биле измамени преку лажна интернет-платформа за инвестирање, преку која им биле ветувани високи финансиски добивки. Во врска со случајот, Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против две лица – 56-годишна жена од Битола и 38-годишен државјанин на Естонија, поради сомнение за сторено кривично дело измама.

Според информациите од истрагата што ја спровел Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, сомнителната активност се одвивала во периодот од декември 2025 до април 2026 година. Во тој временски интервал, осомничените наводно користеле мобилна апликација и интернет-канал со неколку стотици претплатници за да ги убедуваат граѓаните да вложуваат средства во платформа која не била вистинска инвестициска можност.

На заинтересираните им биле ветувани високи добивки, со што биле поттикнувани да вложуваат пари. Сепак, ветените приноси никогаш не биле исплатени, а граѓаните останале без вложените средства.

До Министерството за внатрешни работи досега пристигнале пет пријави од лица кои тврделе дека биле оштетени. Но, понатамошната анализа на финансиските трансакции открила дека размерите на случајот се многу поголеми од првичните сознанија. Според податоците до кои дошле истражителите, станува збор за стотици измамени граѓани, при што поголемиот дел од нив воопшто не го пријавиле случајот во полиција.

По неколкумесечна истрага, во која биле вклучени и домашни и странски институции, биле утврдени идентитетите на лицата осомничени за организирање и спроведување на измамата.

Во рамки на постапката, полициските службеници извршиле информативен разговор со првопријавената жена, а биле одземени и електронски уреди. Нивната форензичка анализа овозможила обезбедување докази поврзани со сомнителната комуникација и начинот на кој, според истрагата, била реализирана измамата.

Дополнителни информации биле обезбедени и преку меѓународна соработка. На тој начин биле прибавени податоци за сопственикот на криптопаричникот кој бил поврзан со финансиските трансакции во овој случај.

Од МВР предупредуваат дека измамите поврзани со лажни инвестициски понуди на интернет се сè почести и упатуваат апел до граѓаните да бидат особено внимателни кога ќе наидат на ветувања за брза и лесна заработка.

Измамниците најчесто ги користат социјалните мрежи, лажните профили и телефонските повици за да воспостават контакт со потенцијалните жртви. Притоа, нудат можности за вложување во криптовалути и ветуваат високи, па дури и наводно сигурни приноси, со цел да ги убедат граѓаните да им ги доверат своите пари.