Денеска избувна голем пожар во атарот меѓу селата Вељуса и Ангелци, во близина на Струмица, при што огнот за кратко време зафати поголема површина со сува трева и трска.
Пожарот бил пријавен околу 12:30 часот, а поради силниот ветер пламените јазици се ширеле со голема брзина, создавајќи сериозна опасност од поголема штета.
Благодарение на навремената и координирана интервенција на Територијална противпожарна единица Струмица, огнената стихија е ставена под контрола и целосно изгасната по околу два и пол часа интензивна борба.
Од противпожарната единица информираат дека интервенирале со две противпожарни возила и шест пожарникари-спасители, а пожарот бил целосно ликвидиран околу 15:00 часот, со што било спречено негово понатамошно ширење и предизвикување поголема материјална штета.
Надлежните апелираат до граѓаните на максимална внимателност, особено во услови на суво време и ветер, и потсетуваат дека секоја опасност може веднаш да се пријави на броевите 112 или 193.


















