Партнерите во владејачката коалиција во Германија постигнаа договор за повлекување на спорниот закон за греење, донесен во 2023 година, со кој се предвидуваше новите системи за греење да користат најмалку 65 отсто енергија од обновливи извори. Законот, инициран од Зелените, предизвика силни реакции во јавноста и политички тензии што доведоа до распад на тогашната коалиција.
Новата влада, составена од ЦДУ и СПД и предводена од Фридрих Мерц, во коалицискиот договор најави дека ќе ја укине оваа регулатива. Според објавениот документ, новото законско решение нема да содржи обврска за задолжителна инсталација или замена на постоечките функционални системи за греење. Тоа значи дека граѓаните ќе можат и понатаму да користат и инсталираат системи на гас и ложливо масло.
Сепак, предвидено е постепено зголемување на уделот на еколошки прифатливи горива, како биометан, кој треба да достигне најмалку 10 отсто до 2029 година, со дополнително зголемување во наредните години до 2040 година.
Граѓаните кои ќе одлучат да ги заменат старите системи или да користат алтернативни решенија при изградба на нови објекти ќе имаат право на државна поддршка најмалку до 2029 година.
Германија има цел да стане климатски неутрална до 2045 година, но експертите предупредуваат дека градежниот и транспортниот сектор сè уште заостануваат, а околу 80 отсто од домовите се греат на гас или масло. Дополнително, се поставува прашањето дали ќе има доволно биометан за да се задоволи идната побарувачка.


















