Боре Видевски, еден од четворицата осудени на доживотен затвор за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, е хоспитализиран и се наоѓа во критична состојба, дознава Инфомакс.
Според информациите, Видевски бил примен синоќа на Клиниката за нефрологија. Поради неговата состојба, најверојатно ќе биде одложена јавната седница за жалбата на одбраната против доживотните казни кои ги донесе Кривичниот суд.
Видевски на судењето негираше вина за учество во здружување, грабнување и убиство.
За случајот, Кривичниот суд ги осуди Љупчо Палевски-Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, додека таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој исто така беше обвинет, доби ослободителна пресуда.











