Шеесет и шестгодишен жител на селото Слупчане, Општина Липково, доби кривична пријава под сомнение дека во период од четири години внесувал невистинити податоци и изготвувал лажни изводи за наводно склучени бракови на странски државјани.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека СВР Куманово поднело кривична пријава против И.З. (66) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување службена исправа“.
Според полициските информации, осомничениот во периодот од 2021 до 2024 година работел како службено лице – матичар во Управата за водење на матичните книги, во месната заедница во селото Слупчане.
Во тоа својство, како што наведуваат од МВР, тој внесувал невистинити податоци во службената евиденција и изготвувал невистинити изводи за странски државјани, прикажувајќи дека тие склучиле брак пред него, иако станувало збор за фиктивни бракови.
За случајот е поднесена кривична пријава, а на осомничениот ќе му се утврдува одговорност во понатамошната постапка.







