Во Основниот суд во Охрид утре, 27 ноември, со почеток во 11 часот, ќе започне судскиот процес против 31-годишниот Кристијан Корабоски, обвинет за нападот врз 26-годишната Сара Ѓорѓиеска.
Судскиот предмет ќе го води судијката Александра Поп Стефанија.
Основното јавно обвинителство Охрид го товари Корабоски за три кривични дела – телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста. На обвинетиот претходно му беше определена мерка притвор во траење од 30 дена.
Случајот беше пријавен на 15 ноември, околу два часот по полноќ.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на физичкиот напад му претходела расправија во домот на Корабоски, која подоцна продолжила во неговиот автомобил.
Според пријавата, обвинетиот физички ја нападнал Ѓорѓиеска, со која бил во љубовна врска. Нападот наводно продолжил и откако го запрел возилото, при што девојката изгубила свест.
Ѓорѓиеска најпрво била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“, каде што ѝ биле констатирани тешки телесни повреди.
Со утрешното рочиште официјално започнува судскиот процес за случајот.









