Министерството за здравство истражува можни злоупотреби поврзани со листите на чекање за хируршки интервенции, откако биле доставени пријави од пациенти за сомнителни случаи.
Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека се анализираат ситуации во кои пациенти биле враќани од закажани операции поради наводно лоши резултати од крвната слика, а потоа во друга лабораторија добивале резултати кои покажувале дека можат да бидат оперирани.
Паралелно се спроведува и ажурирање на листите на чекање, при што е утврдено дека на нив сè уште се водат и пациенти кои во меѓувреме починале. Министерството во соработка со здравствените установи работи на расчистување на овие податоци.
Алиу информираше и дека системот за евиденција со отпечаток од прст веќе функционира во Министерството за здравство и во неколку клиники во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Целта е попрецизно следење на присуството и работното време на здравствените работници.
Во однос на лицата со трајни здравствени оштетувања, министерот најави дека повеќе нема да мора редовно да одат на контролни прегледи за да го задржат правото на туѓа нега. Според анализите, државата годишно троши околу 1,4 милиони денари за повторени прегледи на лица чија здравствена состојба е трајна и непроменлива.
Од Министерството најавуваат продолжување на анализите и дополнителни мерки за подобрување на транспарентноста и функционирањето на здравствениот систем.








